Бис Без е македонска рок група формирана во 1964 година во Скопје, под силно влијание на Битлси. Бендот настанал по распадот на групите Бисери и Безимени, а првата постава ја сочинувале Станислав Длака, Ламбе Смилевски, Константин Икономов – Коце, Димитар Чемков – Циме, Димитар Попанков и Стевче Јаневски – Чивчи.
Во раните години свиреле по локални клубови, а во 1966 година започнале да пишуваат свои песни, вклучувајќи препеви на познати хитови на македонски јазик. Голема популарност стекнале со настапите на југословенските рок фестивали, особено со песните „Море сокол пие“ и „Дал да плачам ил да пеам“, со која победиле на „Загреб поп фестивалот“ во 1970 година. Групата се распаднала во 1973 година.
По долг прекин, во 1992 година се реформирале и одржале концерт во клубот „Хард рок“ во Скопје, а истата година ја издале својата единствена касета. Последниот рејунион бил во 2002 година, кога настапувале на фестивали и свечености сè до 2008 година, кога починал басистот Ламбе Смилевски, што довело до конечен крај на групата.
Избери архива на жанрови или обележувачи